Уште на самиот почеток на прилогов сакаме, in medias res, јасно да го потенцираме неспорниот факт дека авторот Миљенко Јерговиќ полека, но сигурно, и благодарение на досега реализираните преводи на македонски јазик, почнува мошне впечатливо да го шири и да го бранува љубопитството на книжевната критика, како и на редакциите за култура на медиумите во Република Македонија во поново време.

 

Јерговиќ, кој од некои е нарекуван „хрватски“, „босански“, т.е. „босанско-хрватски“, а од други, пак, едноставно „контроверзен“ автор беше за првпат книжно публикуван во Македонија во 1999 година, кога НИК Лист од Скопје во превод на Билјана Жеревска ја издаде на македонски јазик неговата книга раскази Сараевско Марлборо. Истата година, и Ладислав Лешниковски го преведе и го објави во Скопје и краткиот текст на М. Јерговиќ – Босански лонец.1 Потоа, следеше и објавување на еден текст на Миљенко Јерговиќ и во антологијата на раскази и есеи на писатели од Југоисточна Европа, чиј приредувач беше Рихард Шварц, а ја објави издавачката куќа Темплум од Скопје во 2008 година. Во 2011 година се појави во Македонија и преводот на неговата збирка раскази Мама Леоне направен од Александар Прокопиев.2 Набрзо потоа, кај истиот издавач, излезе од печат и романот Татко од М. Јерговиќ во превод од хрватски јазик на Јасмина Алексова, во 2012 година,3 иако цели шест-седум години претходно, од појавата на овие книжни изданија, беше објавен и извадок од романот на Јерговиќ под наслов Ореови дворци во електронското списание Блесок (бр. 46, 2006 година, од англискиот превод на Дарија Торе превел Игор Исаковски), а беа објавени и неколку есеистички, аналитички и пропагандистички текстови за неговите дела и во културниот простор на Интернет мрежата во Р. Македонија.4 Едни од подоцнешните регистрирани прозни објави на М. Јерговиќ на македонски јазик се неговиот понов есеј со наслов Трговците на Европа, кој во македонски превод на Димитар Масевски го објави меѓународното списание „Корени“ што излегува во Куманово5  и извадокот од романот-добитник на Његошевата награда за 2015 година: „Неземскиот израз на неговите раце – Скица на роман за синот“ (во превод од хрватски на Александар Прокопиев) во магазинот за литература и култура „Наше писмо“6 што го издаваат Независните писатели на Македонија.

 

Самиот Миљенко Јерговиќ беше гостин на првото издание на фестивалот „Про-за Балкан“ во Скопје (4-6 март, 2013), каде што пред македонската културна јавност имаше можност и од прво лице да ја раскаже својата професионална приказна.7 Подоцна се појави на македонски јазик и репрезентативен избор од целокупното поетското творештво на Јерговиќ во превод на Ристо Лазаров. Одгласи за појавата на изборот од поетското творештво на Миљенко Јерговиќ на македонски јазик, во издание на „Везилка 2011“ од Скопје, се објавија набрзо и во македонскиот дневен печат,8 каде што, меѓу другото, се потенцираше и тоа дека „овој избор ја потврдува раскошната поетска дарба на Јерговиќ и уверливо сведочи дека поезијата на овој автор е неправедно во сенка на неговото прозно творештво“.

 

Рецепцијата на Миљенко Јерговиќ во Македонија во најново време е уште повеќе зголемена, бидејќи Јерговиќ во 2017 година ја освои и престижната награда „Прозарт“ за посебен авторски придонес во развојот на книжевноста на Балканот што ја доделува интернационалниот литературен фестивал „Про-за Балкан“, кој го организира издавачката куќа „Икона“ од Скопје.9 За реномето на наградата сведочи и фактот што досегашни нејзини добитници се истакнатите балкански писатели: Владислав Бајац, Даша Дрндиќ, Вида Огненовиќ и Георги Господинов. На споменатиот фестивал во мај 2017 година наедно беше промовиран и новиот книжен превод на М. Јерговиќ на македонски јазик – романот „Рута Татенбаум“ (издание на издавачката куќа „Бегемот“ од Скопје, а во превод на Ѓоко Здравески),10 чиј оригинал потекнува од 2006 година, а носител е и на наградата за најдобар роман на територијата на Босна и Херцеговина, Србија, Хрватска и Црна Гора - „Меша Селимовиќ“ за 2007 година. Медиумските одгласи за овие скорешни настани во Македонија, поврзани со името на Миљенко Јерговиќ, беа навистина бројни, а за време на престојот на Јерговиќ во Скопје беа повторно направени и неколку интервјуа со него.11 Претходно, пак, на скопскиот сајт Окно.мк беа објавени неколку колумни на Миљенко Јерговиќ, преведени од електронските архиви на босанската и на хрватската Интрернет мрежа на македонски јазик.12

 

При согледувањето на книжевно-критичкиот и на медиумскиот дискурс на делата на Јерговиќ во Македонија е делумно важен и фактот дека „јазикот на кој пишува овој автор, тој го нарекува хрватски, иако јазичните пуританци во Хрватска му забележуваат дека е преполн со српски, босански и други зборови со неодредено и оттаму со сомнително потекло“.13 Затоа, во поглед на таквите определби, се чини дека за македонската книжевна критика, но и за медиумите во Македонија изгледаше досега најбезболно да се зборува за Миљенко Јерговиќ само како за писател кој „спаѓа моментално меѓу најчитаните и најпреведуваните автори во Хрватска“. На таков начин, фактички, и критичарите, но и поширокиот круг читатели добиваа и дополнителен стимул за што подлабоко проникнување во поетиката на опусот на М. Јерговиќ, но наедно беа изложени и на отворен ринг за искрено и за објективно спротивставување или, пак, за поддршка на ставовите на авторот и на неговите „јунаци“ со нивните сопствени ставови при процесот на интерпретација.

 

За подобро навлегување во суштината на критичкото проследување на рецепцијата на Миљенко Јерговиќ во македонскиот културен ареал се чини дека е неопходно да се наведат најпрвин барем круцијалните одредници за неговиот творечки пат. Имено, Миљенко Јерговиќ е роден на 28 мај 1966 година во Сараево, Босна и Херцеговина (таму и дипломирал на Филозофскиот факултет), а од 1993 година живее во непосредната околина на Загреб. Работи како новинар во хрватскиот весник Јутарњи лист и како колумнист на веб-страницата на Радио Сарајево и на белградскиот весник Политика. Добитник е на многубројни награди, меѓу кои Мак Диздар и Иван Горан Ковачиќ, двете во 1988 година, за неговата збирка поезија Опсерваторијата Варшава; наградата Ксавер Шандор Ѓалски во 1994 година за збирката раскази Сараевски Марлборо; понатаму Аугуст Шеноа – која ја доделува Матица Хрватска за уметнички и книжевни достигнувања – за неговата новела Бјуик Ривиера во 2002 година; Гринцане Кавур за неговата збирка раскази Мама Леоне во 2003 година; Меша Селимовиќ – награда за роман на годината во Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија и Црна Гора во 2007 година, Његошевата награда за 2015 година и Ангелус – полска книжевна награда за писатели и поети од Централна Европа, за неговиот роман Срда ми пее, на самрак, на духовите. Неговите дела се преведени на многу светски јазици, а освен литературни текстови (проза, драма, поезија) и новинарски колумни, Јерговиќ пишува и објавува и филмски, рок и стрип критики. Интересно е за него да се спомене и тоа дека иако тој „нема проблем“ со себеопределувањето и со „мешаноста“, која е дел од неговиот човечко-авторски идентитет, англиската Википедија, на пример, го опиша него како „босанско-хрватски“, а хрватската како „контроверзен“ автор. Од тоа можеше да се заклучи дека „контроверзен“ излегува дека е некаква посебна национална одредница за автори чија припадност, со оглед на тоа што не е чиста, е - матна. Таквата јазична „матност“, пак, не само што понекогаш му создаваше на Јерговиќ непријатности во Хрватска, туку го исфрлаше, да речеме, и од конкуренција за добивање на книжевни награди во Србија. Иако пред нешто повеќе од две децении, Васа Павковиќ, тогашниот литературен критичар на НИН, ја вклучил поетската збирка на Јерговиќ Учи ли некој ноќва во градов јапонски? (издадена од Задругар, Сарајево, 1990) во списокот на десетте најдобри српски поетски книги за таа година, истиот тој Васа, овојпат како претседател на жирито на НИН-овата награда за 2010 година го исклучува романот Татко на Јерговиќ од конкуренција, бидејќи тој не е напишан - на српски. Затоа, впрочем, и некои од проследувачите на овој феномен луцидно се прашуваат „дали е можно за десет (иако во случајов станува збор за дваесет, н. з.) години јазикот на овој автор да се хрватизирал до степен на крајна непрепознатливост за еден просечен српски читател или, пак, српскиот јазик стигнал да се издиференцира во засебно јазично семејство, на ниво на баскискиот?“14

 

Миљенко Јерговиќ се најде подоцна во центарот на препукувањата и во Хрватска, кога Велимир Висковиќ, претседателот на Хрватското друштво на писатели, во интервју за литературното списание Венец (кое многумина го означуваат како крајно десничарско), го нарекува Јерговиќ реафирматор на српското четништво во Хрватска. Веројатниот повод за тоа е изјавата на Миљенко Јерговиќ, во интервју за белградско Време од мај 2009 година во кое тој, образложувајќи го сопствениот однос кон историските личности како литературни инспирации, изјавува: „Морам да признам дека јас не би знаел да пишувам проза за Туѓман или за Милошевиќ. Не дека тие не ме интересираат, се занимавам со нив половина живот, туку јас до нивните причини, ум и концепција не допирам. Но, за концепцијата на таканаречените обични луѓе, кои се наоѓаат во центрифугата на историјата, и за големите и масивни злостори, за тоа можам да мислам, и тука наоѓам причина и мотивација. За Дража, на пример, можев да пишувам, бидејќи ги разбрав неговите мотиви. Секако, тоа не значи дека за него мислам ни позитивно ни негативно. Едноставно, тој е тродимензионална личност која имала и своја трагика и свои мотиви и биографија, сето она што Милошевиќ и Туѓман не го имале“. Па, додека едни во контекст на обвинувањата на Висковиќ излегоа со уште посилни зборови (на пример, Фарук Шехиќ со текстот „Четник, како тоа гордо звучи“, објавен првично во сараевски Журнал), укажувајќи на тродимензионалноста и на биографиите на илјадниците жртви на четништвото, кои очигледно не се доволно книжевно мотивирачки за „генијален ум како Јерговиќ“; други се ставија на страната на не-Србинот од првото полувреме, кој излезе дека може да биде прогласен за четник дури и ако не пишува на српски. Така, Дежуловиќ, Ловреновиќ, Томиќ и уште неколку хрватски автори, во знак на протест, излегоа од Друштвото на писателите на Хрватска, јавно аргументирајќи ги своите мотиви. „Мислењето на Висковиќ може физички да му наштети на Јерговиќ, го исклучувам ХДП од себе“, напиша Борис Дежуловиќ во Јутарњи лист, превенирајќи ја можноста започнатиот медиумски линч на неговиот колега да се претвори во вистински, и барајќи Висковиќ да се извини.

 

Како очигледна жртва на синдромот „Запад не го запишува, Исток не го отпишува“, на тој начин, самиот М. Јерговиќ набрзо потоа се појави само со изјава дека се чувствува како девојка која додека оди по улица сите ѝ викаат дека е курва, и дека најлошото што би можел да го направи во таква ситуација е да се обиде да докаже дека не е. Целава оваа приказна, како што проникливо забележува И. Јакимовска во нејзиниот погоре цитиран текст, „не е интересна само заради опасната и ненијансирана опозиција четник / усташ, туку и како илустрација на разликата помеѓу начинот на кој им се придава важност на таквите и на други зборови во одреден општествен контекст. Уште никој не му мавнал ни чврга на Јерговиќ, а најважните хрватски пера рипаат како да е тој во шок соба со скршеници и потрес на мозокот, свесни за можните последици на нечие етикетирање како неподобен... Јазикот коски нема, но коски крши – хрватските писатели добро ја сфатиле оваа македонска поговорка и дејствуваат во согласност со неа. Кој е моментот кога обичниот говор станува говор на омраза, и дали е тоа само естетска финеса? Зборовите како фашист, диктатор, тоталитарен од преголема и некритичка употреба почнуваат да се излитуваат како стара метла, која сега пропушта да го собере и крупното ѓубре. Хрватските писатели, оние чиј човечки и професионален идентитет почива токму врз зборовите, покажаа како треба да се брани достоинството на пишаниот и на изговорениот збор. Пред тој да скрши некоја коска.15 Како и да е, и наспроти сето ова, сосема е евидентно дека рецепцијата на преводите од литературното творештво на Миљенко Јерговиќ во Македонија се одвивала низ една поинаква и речиси исклучиво афирмативна призма (со многу мали исклучоци), која не ги восприемала делата на Јерговиќ од идеолошка, туку во прв ред од поетичка, стилска и општо естетска позиција односно перспектива.

 

Така, во Македонија беа преводите на делата од М. Јерговиќ очекувано дочекани со позитивни реакции, благодарение и на поранешниот заеднички југословенски контекст, кој сè уште се чувствува како мошне близок кај македонската читателска и критичарска публика. Затоа, освртите за творештвото на Јерговиќ согледано преку македонските преводи се движеше првенствено по врвиците на тие херменевтички координати. Во пропагандистичко-рекламниот текст за Јерговиќ, објавен на еден од македонските Интернет-портали што веќе го споменавме (www.karmakasha.mk), се пишува уверливо и убедувачки, на пример, и за тоа дека „меланхолијата и огромната тага за стариот свет кој повеќе го нема, легендите и бајките поврзани со Сараево, но и виорот на последните војни кои го разорија овој град се водечките теми на сите жанрови со кои се испроба Јерговиќ. И вистина е, како што велат голем дел од литературните критичари, ретко кој во босанската и хрватската книжевност поседува таква суптилна смисла за трагика, за воено или мирно секојдневие... Јерговиќ стана особено актуелен на просторите на поранешна Југославија со документарецот Dugo putovanje kroz istoriju, historiju i povijest, работен заедно со Марко Видојковиќ од Србија, еден road movie во кој двајцата новинари патуваат со култното југо низ сите главни точки од некогашната заедничка држава. Интересен е и прилично интригантен делот за Македонија и за Скопје (пред 2014) и разговорот со Паско Кузман. Набавете го и погледнете го, заедно со расказите на Јерговиќ е прилично добра лектира. Посетете ја и неговата веб-страница, има фантистични текстови: www.jergovic.com“. И самите преведувачи, пак, на книгите Мама Леоне, Татко, Промена на времето, Рута Таненбаум и Род од Миљенко Јерговиќ на македонски јазик ги доближуваат овие дела на Јерговиќ пред читателите, разбирливо, во најдоброто нивно светло.

 

Александар Прокопиев пишува дека „првиот дел на книгата (Мама Леоне, м.з.), предадена од јас перспектива, се совпаѓа со растот на младиот Миљенко, од бебе до пубертетлија, кога со збогатување на јазикот се збогатува и првичното искуство и се соочуваат првите животни искушенија од светот на возрасните низ очите на детето. Во вториот дел на Мама Леоне, во расказите од тој перспектива, суровата реалност на возрасните се доживува преку судбините на поединци, загубени и раселени низ големиот свет. Војната, пропаста на системот, разурнувањето на Сараево, синхронизира со преминот од buildings описите на младиот Миљенко, кон емигрантските премрежиња на Босанците без татковина. Фрагментите на една наративна целина за загубеното единство на сентименталното и животно искуство, низ перото на Миљенко Јерговиќ се напишани со несомнен шарм на раскажувањето, каде и низ кажувањето за најтемните животни валканици, се задржува духовитоста и лежерноста на опитен писател, што го наградува читањето на Мама Леоне со вистинско задоволство во текстот“. Јасмина Алексова, пак, при преводот на романот Татко ќе го наведе следново: „Татко е можеби роман, можеби есеј, можеби мемоар. Пишуван е по правилата на функционалната проза, а сепак ништо за што Јерговиќ раскажува во оваа проза не е фикција. Во некоја смисла, Татко е мала историја на едно време, начинот на кој луѓето се криеле едни од други, неговите обичаи и навики, па на обичните јунаци кои живееле во тоа време и преживеале, семејната мимикрија и приватниот пекол по домовите на угледните социјалистички градови. Започната ден после татковата смрт, оваа необична и возбудлива книга, различна од сè што досега Јерговиќ пишувал, зборува за националните и приватните предавства, за блискоста и за ѕидот помеѓу таткото и синот, за простувањето и за она што е непростливо, за умирањето од трепет и страв. Повремено сроден со раната проза на Петер Хандке, Татко е како хируршки зафат кој авторот го врши на живо, на самиот себе“. Ристо Лазаров при претставувањето на поетското творештво на Јерговиќ во македонски превод, ќе го нагласи меѓу другото и тоа дека: „Јерговиќ од сарајлија стана загрепчанец и што е апсолутно поважно и најважно – стана врвен прозаист, автор на антологиски збирки раскази и на романи чиишто наслови не можат да се заобиколат при правењето и на најтесни избори во ова парче на Европа и светот... Времето збрано во песните на Јерговиќ е набабрено од живот, од судбини, од претскажувања и насетувања. Сета негова поезија чини еден голем извор на судбини и ликови, напати расклокотен, поначесто мирен, спокоен, та дури и нежен – од кој потечуваат бистри води, непотрошени и свежи, баш како и јазикот на оваа поезија, природен и неизвештачен, неизопачен... Во овој богат, шарен букет од песни, има и убави и тажни миризби, има и прикриена носталгија и јасен незаборав, а што е од исклучителна важност – има и една впечатлива читкост и читливост, полна та преполна со смисла, со тревожни слики, кои стига еднаш да се видат и за навек да се паметат. Песните на Јерговиќ се движат како модерен европски воз, го држат чекорот на т.н. ритмичка проза, јасни се за секој што ќе дојде во допир со нив. Некои песни на Јерговиќ, создадени во предвоени и воени времиња, се доживуваат како преточување на здравјето во болест, ама и обратно, секако, според онаа старата латинска – лекарот првин сам треба да се излекува. Во нив јасно се гледа распадот на човештината и на човечките доблести, на очиглед е гнилежот на вредностите. Сè што е кажано е кажано детски искрено и затоа овие песни се примаат како вистински песни, башка што се и ептен вредносно вистински“.16 И Ѓоко Здравески како преведувач на романот Рута Таненбаум подвлекува дека „приказната за Рута Таненбаум се случува во триесеттите и во четириесеттите години во Загреб, во тогашното Кралство Југославија. Ликот на Рута Таненбаум во стварноста реферира на Леа Дојч, загрепска глумица со еврејско потекло, дете гениј, најмладиот член на Хрватскиот народен театар, која на сцената дебитира на петгодишна возраст. Леа Дојч умира на патот за Аушвиц на шеснаесет години. Јерговиќ во Appendix-от на крајот од романот објаснува дека приказната што ја раскажува е фиктивна и дека многу работи сменил во однос на историографската предлошка, ама, сепак, приказната за чудото од дете останува стожерна... За Миљенко Јерговиќ само едно скидам капу, ш’о би рекле мие скопјани“.17 Најпосле, Владимир Јанковски како преведувач на романот „Род“ од М. Јерговиќ на македонски во 2017 година смело ќе потенцира дека „Род на Миљенко Јерговиќ е книга составена од повеќе целини – романи, документи, раскажувачки скици, фрагменти – во кои се менуваат фикционални и нефикционални делови и на совршен начин се мешаат реалното и измисленото. Со многу автобиографски елементи Јерговиќ во Род ја испишува сагата за семејството на Карло Штублер, неговиот прадедо. Ова е книга во која авторот низ судбината на сопственото семејство зборува за цел еден век на Средна Европа и на Балканот, роман кој како железница ја вмрежува епохата и различните краишта, земјите кои се менуваа, историјата која беше немилосрдна. Од прадедо му и почетокот на XX век до денешницата на авторот и неговата судбина, Род претставува opus magnum на Миљенко Јерговиќ“.

 

Најверојатно како единствен исклучок од таквиот прием на делата на Миљенко Јерговиќ во македонскиот културен ареал досега се измолкнува еден објавен ерудиран текст на хрватскиот македонист, книжевен научник, универзитетски професор и поранешен амбасадор на Р. Хрватска во Р. Македонија – Златко Крамариќ во книгата Политика. Култура. Идентитет, чие издание на македонски јазик и во ко-авторство со проф. д-р Ангелина Бановиќ-Марковска го објави Магор од Скопје во 2012 година. Имено, тој во текстот Конструкцијата на идентитетот во хрватската и во македонската книжевност (врз примери од романите на М. Јерговиќ и на П. Авировиќ) потсетува дека Јерговиќ, во романот Татко, „ќе покаже исклучително разбирање за судбината / наративот на една тетка, која случајно е омажена за Србин, но за еднакво тешката судбина на некои роднини, кои, за разлика од добрата тетка, својата среќа по Втората светска војна морале да ја бараат во далечната Аргентина, интересно е што авторот, кој сака да остава впечаток на политичка конзистентност и коректност, не покажува никакво, па дури ни елементарно разбирање за судбината на тие роднини, кои својата среќа морале да ја побараат надвор од сопствената татковина и тоа само затоа што новиот режим не им бил по волја! И тогаш воопшто не мораме да се чудиме што овој автор во своите текстови никако не успева да произведе катарзичен ефект, туку место тој ефект систематски нè заморува со некои нови, еднакво патетични, есенцијалистички ламентации за етничноста, кои по ништо не се разликуваат од тие („монолошко-националниот идентитет“) што толку жестоко сака да ги деконструира, но тој обид никако не му успева! (...) И кога текстовите на М. Јерговиќ би ги читале низ оптиката на деконструкцијата, односно кога неговата бинарна перспектива би ја довеле до крај, би откриле дека зад неговите декларативни (демократско-либерални) ставови, всушност, стои една целосно поинаква идеолошка матрица (...) Романот Татко на Јерговиќ претставува парадигматски пример за поништувањето на таткото! Рака на срце, допуштам дека е можно неговата одвратност кон Хрватска да се толкува како вид на изопачена и мазохистичка родољубивост, каде што неговиот мазохизам функционира како фантазмагорична рамка за поништување на татковството како закон (Ж. Делез). Во таа фантазма сме соочени со трансферот на сите татковски функции на плуралната женска фигура, при што таткото / нацијата се исклучува и се поништува. И според Делез, мазохистот на сите начини сака да ја намали, истепа и понижи сликата на таткото во себе, односно својата сличност со таткото. Така таткото / Хрватска во мазохизмот не е тој што тепа, туку е тој што е тепан! (...) Едноставно, на М. Јерговиќ не му е јасно дека со неговата методологија на критика на етнонационализмот, тој феномен никако не се доведува во прашање или, поточно, таквиот тип критика активно учествува во генерирањето системи, чијашто смисла на постоење се исцрпува токму во производство на разликите, односно ова постојано, мазохистичко самообвинување, не е ништо друго туку систематски дел од играта: таа (играта – заб. на З. К.) всушност е оптичка измама, антиилузија, која само ја заокружува илузијата – дискурс на потрошувачката и негова критика. Само двете страни на медалот заедно го сочинуваат митот“.18

 

Низ призмата на таквиот патоказ по кој цврсто и решително чекори Крамариќ во својата интерпретација, можат да се согледаат, се разбира, и некои од изјавите, кои самиот Јерговиќ ги даде на тркалезната маса пред македонските медиуми при неговата прва посета на фестивалот „Про-за Балкан“ во Скопје, каква што е на пример: „Хрватското општество и хрватската култура, денес на почетокот на 21 век, не се способни за никаков облик на авторефлексија и одбиваат секаква можност да се исмејуваат самите себе. Хрватите многу радо ќе се исмејуваат на сите други, посебно на Србите, затоа што се многу агресивни и примитивни, на Муслиманите коишто се попримитивни, иако помалку агресивни, на Евреите на кои и онака сите им се потсмеваат, на Италијанците, затоа што се Италијанци и лоши католици, а единствено не им се потсмеваат на Германците и тоа мене најмногу ме иритира“ (Во: Ангеловска, Елена: Балканската културна комуникација се должи на поединци, електронско издание на Глобус – Скопје, март 2013). Во истиот тој текст, новинарката уште дополнува дека „тој потенцираше дека хрватското општество длабоко во себе е тоталитарно и изразито затворено и идејата нешто лошо да се каже за својата држава е највисок степен на бласфемија“. Исто така, вредна за дискусија во таа насока е уште и изјавата на Јерговиќ дека „текстовите што ги пишувам ми нанесуваат повеќе штета, со тоа што го пишувам не се согласуваат повеќето читатели, но зошто да пишувам нешто со кое сите ќе се согласат? Кога се согласувам со повеќемина, јас молчам. Но, и романите и колумните се пишување, тоа е обид овој свет да се артикулира низ текст (Во: Книжевноста и литературата немаат тенкови и топови, Утрински весник, Скопје, 05. 03. 2013).

 

Златко Крамариќ при својата интерпретација на делото на Јерговиќ ќе го зафати уште и проблемот на т.н. југо-носталгичност, и притоа отворено ќе посочи дека таквото „право на сеќавање“ кај него предизвикува „бениген потсмев“. Па, така и творечкиот ангажман на Јерговиќ, со мали отстапувања, спаѓа според него во „ангажманите против сите тие што ја доживувале Југославија како обична колонијална приказна, која била императивна, за нијанса, со (пре)слатка форма, под која се криела горка содржина“. Крамариќ тука и дополнува дека не чувствува „никаква потреба тие што не се сложуваат со таквото гледање на Југославија на кој било начин да ги одбележам! Во мојот теориско-политички пристап сè е дозволено! И оспорувањето / деконструирањето на националните митови може да биде целосно легитимна постапка. И носталгијата кон некои времиња, држави, идеологии, не е нешто што би требало да ме шокира – станува збор за допуштени емоции. Но, тогаш треба да се биде доследен и да се признае дека, исто така, постојат и тие на кои им се симпатични некои други носталгии, кои својот идентитет го проектираат во некои други времиња, на кои им се поблиски некои други идеологии, кои искрено страдаат што пропаднале некои други империи / заедници, држави. И покрај најдобрата волја, не гледам никаква драматична разлика меѓу тие што покажуваат носталгичност кон Југославија или тие што никако не можат да се помират со фактот дека Австро-Унгарија одамна пропаднала. Имено, и едните и другите не покажуваат подготвеност да се соочат со сознанието дека нивните омилени државни заедници активно учествувале во генерирањето и на тие традиции (болшевизмот, антисемитизмот, нацизмот...), кои не биле баш невини и бенигни, како што им се чини на нивните симпатизери (...) Но, за разлика од мојот теориски пристап, некои наши носталгичари (М. Јерговиќ...) демонстрираат исклучително разбирање само за сопствената носталгија, а во другите гледаат зло, несреќа, цивилизациски дефект, кои мора по секоја цена или да се елиминираат или да се забранат! (...) Нема сомнеж дека изборот од чија точка на гледање ќе го посматраме овој феномен ја одредува и ориентацијата / содржината на нашите ангажмани: да се биде за или против зависи од точката на гледање, која свесно сме ја избрале. Во тој контекст ми е докрај разбирлива наративната стратегија на Јерговиќ: мислењето дека има монопол над големите вистини на историјата, неговиот однос кон југословенството е афирмативен и тој во таквиот феномен ги гледа исклучиво позитивните страни. Сето тоа што не се вклопува во неговата идилична слика (запалените и ограбени куќи, илјадниците убиени и протерани) на југословенството, тој или го потиснува во потсвеста или вината ја трансферира на другите / националистите, бидејќи е уверен дека наднационалниот разум е подобар од националните страсти“.19 Темата на југословенството, ја допре, впрочем, уште еднаш, и самиот Јерговиќ при неговата споменатна посета на првото издание од фестивалот „Про-за Балкан“ во Скопје, кога недвосмилено подвлече дека „секако има смисла да се поврзат сродните култури, но и општества кои во минатото беа соединети во една иста држава. Таа држава навистина се распадна, но требаше да го искористи сето она што беше позитивно. Но, факт е дека комуникацијата меѓу различните култури, народи и идентитети апсолутно беше повеќе од позитивна... Книжевноста ништо не може да направи против агресивната и националистичката политика, но, исто така, аргументите на книжевноста се поважни од аргументите на политиката“ (Во: Книжевноста и литературата немаат тенкови и топови, Утрински весник, 05. 03. 2013) односно, предадено од друг новинарски ракурс, „дека книжевноста и литературата ја немаат таа моќ да влијаат врз промената на општата политичка состојба бидејќи немаат тенкови и топови, ниту толку многу пари. Но, од друга страна, ништо така потсвесно не ги разорува тоталитарните устави како што е книжевноста и ништо во комуникацијата меѓу различните општества не е толку важно како што е комуникацијата на книжевното дело, комуникацијата на текстот, на книгите. Тоа е најмногу што некоја култура може да го направи за друга култура. Kнижевноста ништо не може да направи против агресивната и националистичката политика, но аргументите на книжевноста се поважни од аргументите на која било политика“ (Лазаревска, Марина: Книжевноста е најсилното оружје против тоталитаризмот, Дневник, Скопје, 06. 03. 2013).

 

Миљенко Јерговиќ и при својата нова посета во Македонија, кога ја освои и наградата „Прозарт“ на петтото издание од меѓународниот литературен фестивал „Про-за Балкан“, во неколкуте свои интервјуа дадени за македонските медиуми, во повеќе наврати недвосмислено го подвлече ставот дека „пишувањето не е хуманитарна работа. Она што е напишано му користи само на некој кој тоа ќе го прочита. А луѓето обично не читаат кога им е потребна хуманитарна помош. Од друга страна, пишувањето го спасува светот. Постои само она што е напишано. Сето останато исчезнува штом ќе се случи (...) Да не претеруваме со јазичките бариери. Можам сосема добро да читам македонски, па тоа и го правам. А ја следам, за жал, и македонската политика. Велам за жал, затоа што во неа не наоѓам ништо добро ни охрабрувачки, како ни во другите јужнословенски политики. Секако, и во Македонија сум, како и каде било на друго место, на страната на антинационалистите и на оние кои се за мир, за договарање и за заеднички живот по секоја цена. Алтернативната на заедничкиот живот е заедничко и меѓусебно истребување“.20

 

Јерговиќ, сетне, се јавува и во улога на рецензент на најновата прозна книга на истакнатиот македонски писател, преведувач и книжевен научник Александар Прокопиев – „Синот-риба“ (издадена од страна на новоформираната издавачка куќа „Авант прес“ од Скопје во 2017 година) и за неа потенцира дека „во тоа мое будно сновидение Сашо Прокопиев е занаетчија кој се занимава со изработка на раскази од сите формати, од многу куси, минијатури на границата на нешто што обично се нарекува песна во проза, до подолги, по малку епски, квазиисториски и псевдодокументаристички, во кои гради некоја своја имагинарна, мечтаена митска Македонија, која, како и секоја митска земја, е поавтентичка и пожива од оваа реална Македонија“. Последната „појава“ на Миљенко Јерговиќ во Р. Македонија е засега книжното објавување на неговиот роман Род на македонски јазик. Преведувач на овој обемен и според многу аспекти - уникатен роман, како што споменавме погоре, е Владимир Јанковски, а негов издавач е репрезентативната издавачка куќа „Или-Или“ од Скопје. Преводот на романот беше промовиран во присуство и на авторот во познатото кафуле „Ла Кања“ во Старата скопска чаршија на крајот од август 2017 година. Негова промоторка беше реномираната македонска прозаистка и книжевна критичарка – Оливера Ќорверзироска, која во таа пригода сликовито истакна: „Род е книжевен концерт за срце и ум, музицирање со зборови, пишување со бранови што можат да ве нишаат или да ве удават. Род е ужасно опширен роман. Упорен како совест. Архива за романескност. Неисцрпен книжевен материјал. Можете да го мразите, можете да го сакате, можете и да го мразите и да го сакате одеднаш, како мене. Јас го сакам и го мразам овој роман паралелно, на начин како што паралелно се сака и се мрази својата најголема љубов (...) Во врска со тоа што е што во приказната, воопшто не е важно што е вистина, а што измислица. Важен е беспрекорниот штеп помеѓу нив. Но кај Јерговиќ нема ни штепување. Тој користи фрапантни техники за невидливо лепење на едното и на другото, користејќи конкретен материјал од нарацијата како фиксатор. За да го залепи на невидлив начин она што е вистина и она што го измислил, тој го користи медот како конкретен наративен производ од ликот на дедото кого што го интересира пчеларството. Го користи медот за да накапе и да залепи сѐ со него... Медена, епска нарација. Високолеплива и за личните знаења и сеќавања на читателите. Ако медот ви капне в срце, умот не ќе има што да оближе; ако ви капне на она што сте го заборавиле, веднаш ќе ви се врати конфабулирано... Досетката со тегличката од медот на дедото на Јерговиќ, која стигнала лично до Андриќ, е мало книжевно филигранче, едно од многуте во оваа проза“. И за оваа засега последна посета на Јерговиќ во Скопје, како и за самата промоција на романот „Род“ известија благовремено повеќе македонски пишани и електронски медиуми,21 а од најновите разговори со авторот како најрепрезентативно може да се издвои интервјуто на новинарката Весна Дамчевска за дневниот весник Нова Македонија.22

 

Значи, како краен заклучок од истражувањето на книжевно-критичкиот и на медиумскиот дискурс за приемот на делата на Миљенко Јерговиќ во македонскиот културен ареал ни се наметнува генералниот впечаток дека овој автор бил речиси секогаш позитивно восприеман во македонската средина, иако малиот исклучок од таквата рецепција и го потврдува правилото дека Јерговиќ е писател кој секогаш знаел да ја разбранува не само домашната, туку напати и странската културна јавност и да предизвика многумина во тоа да се впуштат во разгатнување на неговата комплексна поетика, која е тематски проткаена и со повеќето од „болните“ феномени што и „болно“ ја одбележуваат денешницата не само во европски, туку и во светски рамки.

 

 

 

1 Во: Lettre internationale, Год. 4, бр. 13-14, 1999, стр. 32-34.

2 ЈЕРГОВИЌ, Миљенко: Мама Леоне. Превод: Александар Прокопиев. Скопје: Икона, 2011, - 232 стр.

3 ЈЕРГОВИЌ, Миљенко: Татко. Превод: Јасмина Алексова. Скопје: Икона, 2012, - 184 стр.

4 Види го, на пример, како pars pro toto, текстот: Препорака: Вториот бакнеж на Гита Данон – Миљенко Јерговиќ. Во: www.karmakasha.mk/kultura/pisan-zbor, 19. 09. 2011.

5 Види: ЈЕРГОВИЌ, Миљенко: Трговците на Европа. Превод: Димитар Масевски. Во: Корени (Списание за литература, култура, граѓански прашања и наука). Куманово: Здружение за наука и култура „Парадигма“, Год. 11, бр. 45-46, септември 2013, стр. 6731-6736.

6 Види: ЈЕРГОВИЌ, Миљенко: Неземскиот израз на неговите раце – Скица на роман за синот. Превод од хрватски: Александар Прокопиев. Во: Наше писмо (Магазин за литература и култура). Скопје: Независни писатели на Македонија, Год. 21, бр. 79-80, стр. 36-42. Информацијата за добивањето на Његошевата награда на М. Јерговиќ беше проследена своевремено и во македонскиот медиумски етер, види на пример: Миљенко Јерговиќ добитник на Његошевата награда за 2015 година. Во: www.diversity.org.mk/news/miljenko-jergovic-dobitnik-na-njegoshevata-nagrada-mk/, Скопје, 2015.

7 Тогаш македонските пишани медиуми во прилично голем обем ги пренесоа ставовите на Миљенко Јерговиќ за повеќе прашања, кои ќе се обидеме што е можно пообјективно да ги доближиме при анализата во овој текст. Во таквите новинарско-репортерски текстови можеше понекогаш да се најде и некој заскитан аналитичко-вредносен суд за неговото творештво, како на пример: „Миљенко Јерговиќ беше претставен како автор на парадоксот, истовремено познат по неговите отворени и независни колумни, кои ги пишува за влијателни балкански медиуми, и како прозен суптилен писател, кој влегува во најсуптилните периоди на животот на еден човек“ (ТРАЈКОВСКА, Даниела: „Про-за Балкан – Македонија. Во: Културен живот – Списание за култура, уметност и општествени прашања, Скопје: Год. 59, бр. 1-2, 2013, стр. 92).

8 Види на пр.: Поезија од Јерговиќ, Вечер, 31. 7. 2013; Објавена стихозбирката „Промена на времето“ од Јерговиќ, Нова Македонија - Лик, 31. 7. 2013 итн.

9 Види: Познати гостите на „Прозарт“, Миљенко Јерговиќ добитник на наградата. Во: Дневник, Скопје, 23. 5. 2017; Наградата „Прозарт“ оди кај Миљенко Јерговиќ. Во: Нова ТВ, Скопје, 30. 5. 2017; Најчитаниот автор од екс-Југославија Миљенко Јерговиќ, добитник на наградата „Прозарт“. Во: RepublikaOnline, Скопје, 23. 5. 2017; Миљенко Јерговиќ добитник на наградата „Прозарт“. Во: Плус Инфо, 23. 5. 2017; Фестивал „Про-за Балкан“: Наградата „Прозарт“ доделена на луцидниот критичар и книжевник Миљенко Јерговиќ. Во: Телеграф.мк, Скопје, 23. 5. 2017; Хрватскиот писател Миљенко Јерговиќ добитник на наградата „Прозарт“. Во: А1on.mk, Скопје, 23. 5. 2017; Луцидниот критичар на денешницава, Миљенко Јерговиќ, добитник на наградата „Прозарт“. Во: Факултети.мк, Скопје, 23. 5. 2017; Миљенко Јерговиќ во Скопје ќе ја прими наградата „Прозарт“. Во: Макфакс, Скопје, 23. 5. 2017; Награда „Прозарт“ за хрватскиот писател Миљенко Јерговиќ. Во: Cooltura.mk, Скопје, 23. 5. 2017; Наградата „Прозарт“ оди кај Миљенко Јерговиќ. Во: Нова ТВ, Скопје, 30. 5. 2017; „Про-за Балкан“: Миљенко Јерговиќ вечерва ќе ја прими наградата „Прозарт“. Во: Република, Скопје, 30. 5. 2017; Врачување на наградата „Прозарт“ на Миљенко Јерговиќ. Во: Стандард.мк, Скопје, 30. 5. 2017; Врачување на наградата „Прозарт“ на Миљенко Јерговиќ. Во: Cooltura.mk, Скопје, 30. 5. 2017; Врачена наградата „Прозарт“ на Миљенко Јерговиќ. Во: Нова Македонија, Скопје,  31. 5. 2017; Награда „Прозарт“ за Јерговиќ – еден од најбескомпромисните писатели. Во: Старт.мк, Скопје, 24. 5. 2017; Роденденски подарок за луцидниот писател Миљенко Јерговиќ – наградата „Прозарт“. Во: Дневник, Скопје, 24. 5. 2017; Миљенко Јерговиќ во Скопје ќе ја прими наградата „Прозарт“. Во: Sky.mk, 23. 5. 2017; Најчитаниот автор од екс-Југославија Миљенко Јерговиќ, добитник на наградата „Прозарт“. Во: Старт.мк, Скопје, 23. 5. 2017; Фестивал „Про-за Балкан“: Наградата „Прозарт“ доделена на луцидниот критичар и книжевник Миљенко Јерговиќ. Во: Телеграф.мк, Скопје, 23. 5. 2017; The Festival “Pro-za Balkan: The Award “Prozart” to be awarded to Miljenko Jergović. In: Independent.mk, 23. 5. 2017.

10 Види: Објавена е новата книга од Миљенко Јерговиќ. Во: Плус Инфо, Скопје, 3. 4. 2017; Врачување на наградата „Прозарт“ на Миљенко Јерговиќ и промоција на негова книга. Во: А1Он, Скопје, 30. 5. 2017;  Врачување на на наградата „Прозарт“ на Миљенко Јерговиќ и промоција на негова книга. Во: Канал 5, Скопје, 30. 5. 2017; Врачување на наградата „Прозарт“ на Миљенко Јерговиќ и промоција на негова книга. Во: Сител, Скопје, 30. 5. 2017; Врачување на на наградата „Прозарт“: Признание за писателот Миљенко Јерговиќ и промоција на негова книга. Во: Телеграф.мк, Скопје, 30. 5. 2017; Врачување на наградата „Прозарт“ на Миљенко Јерговиќ и промоција на негова книга. Во: Вечер, Скопје, 30. 5. 2017; Романот „Рута Таненбаум“ од Миљенко Јерговиќ објавен на македонски јазик. Во: Сител, Скопје, 3. 4. 2017; Промоција на роман од Миљенко Јерговиќ. Во: Макфакс, Скопје, 25. 5. 2017; Промоција на роман од Миљенко Јерговиќ. Во: Канал 77, Скопје, 25. 5. 2017; Промоција на романот „Рута Таненбаум“ и разговор со Миљенко Јерговиќ. Во: www.okno.mk/node/64319; Книжевна промоција: „Бегемот“ ја најави промоцијата на „Рута Таненбаум“ од Миљенко Јерговиќ. Во: Мкд.мк, Скопје, 29. 5. 2017; Промоција на роман од Миљенко Јерговиќ. Во: b2.mk/news/, 25. 5. 2017; Романот „Рута Таненбаум“ од Миљенко Јерговиќ објавен на македонски јазик. Во: zurnal.mk, Скопје, 3. 4. 2017; Промоција на „Рута Таненбаум“ и разговор со М. Јерговиќ. Во: Antropol.mk, Скопје, 24. 5. 2017;

11 Види на пример: Миљенко Јерговиќ – А која тоа војна на Балканот сме ја избегнале или одложиле (Превод од Јутарњи лист). Во: www.jadiburek.com.mk/sodrzina_detalno.aspx?id=2831, Скопје, 26. 1. 2017; Хрватскиот писател Миљенко Јерговиќ добитник на наградата „Прозарт“. Во: Нова Македонија, Скопје, 23. 5. 2017; Миљенко Јерговиќ со порака што да сториме светот никогаш да не исчезне. Во: Нова ТВ, Скопје, 31. 5. 2017; Добитникот на наградата „Прозарт“, Миљенко Јерговиќ: Светот ќе го спасат Македонецот што го чита Кадаре и Албанецот што го чита Урошевиќ! Во: РепубликаOnline, Скопје, 31. 5. 2017; Јерговиќ со една поинаква тиранска платформа. Во: www.off.net.mk/bookbox, Скопје, 30. 5. 2017; Јерговиќ: Светот ќе го спасат Македонецот што го чита Кадаре и Албанецот што го чита Урошевиќ. Во: Телеграф.мк, Скопје, 31. 5. 2017; Одржана трибината „Писатели од Балканот – Визибилност“. Во: Cooltura.mk, Скопје, 30. 5. 2017; Отворен литературниот фестивал „Про-за Балкан“. Во: Нова Македонија, Скопје, 30. 5. 2017; Почнува интернационалниот литературен фестивал „Про-за Балкан“. Во: Курир, Скопје, 28. 5. 2017; Почнува интернационалниот литературен фестивал „Про-за Балкан“. Во: vistina.mk/?p=501445, Скопје, 28. 5. 2017; Mednarodni literarni večer v rezidenci veleposlanika. In: www.skopje-embassy.si, Скопје, 30. 5. 2017; Јерговиќ: Светот ќе го спасат Македонецот што го чита Кадаре и Албанецот што го чита Урошевиќ. Во: Вечер, Скопје, 31. 5. 2017; Преведувачот е клучен за видливоста на балканските писатели. Во: Вечер, Скопје, 31. 5. 2017; Заврши петтото издание на фестивалот „Про-за Балкан“. Во: Cooltura.mk, Скопје, 31. 5. 2017; Јерговиќ: Читањето ќе го спаси светот. Во: А1Он.мк, Скопје, 31. 5. 2017; Интервју – Миљенко Јерговиќ: Поважно е што мисли Кардашијан од Дилан. Во: Макфакс, Скопје, 30. 5. 2017; Букбокс интервју – Миљенко Јерговиќ: Пишувањето го спасува светот (Разговарала Илина Ј.). Во: www.off.net.mk, Скопје, 25. 5. 2017; Лауреатот на „Прозарт“ Јерговиќ: Светот ќе го спасат Македонецот што го чита Кадаре и Албанецот што го чита Урошевиќ! Во: text.mk, Скопје, 31. 5. 2017; Не е пофалба тоа што Загреб ниту малку не личи на Скопје (Миљенко Јерговиќ). Во: dokazm.mk, 8. 6. 2017 (превод од текстот објавен на Интернет страницата на авторот два дена претходно: https://www.jergovic.com/sumnjivo-lice/nije-pohvala-to-sto-zagreb-nimalo-ne-slici-skoplju/).

12 Фотографијата како смрт (Миљенко Јерговиќ). Во: https://okno.mk/node/27564 (превод од Јутарњи лист), 20. 4. 2013; Опис на работната соба (Миљенко Јерговиќ). Во: https://okno.mk/node/38225 (превод од Интернет страницата: www.jergovic.com), 11. 5. 2014; Сликичките на Панини (Миљенко Јерговиќ). Во: https://okno.mk/node/38716 (превод од Интернет страницата: www.radiosarajevo.ba), 19. 6. 2014; За Дилан кај нас се пишува исто како и за Ким Кардашијан (Миљенко Јерговиќ). Во: https://okno.mk/node/59399 (превод од Интернет страницата: www.jergovic.com), 21. 10. 2016.

13 Според: ЈАКИМОВСКА, Илина: Кога писателите ќе го дигнат... гласот или: дали Јерговиќ по националност е „контроверзен“? Види: http://kupot.on.net.mk/onnet/bookbox/miljenko-jergovik-nacionalnost-kontroverzen?page=4. На крајот од овој текст на И. Јакимовска, објавен на Интернет, е поместен и нејзиниот превод на македонски јазик на есејот Како битисувајќи на крај и пропаднавме од М. Јерговиќ (од неговата книга Загрепски хроники, издание на ХХ век, Белград, 2010, чии текстови се претежно посветени на јазикот и на обидите тој да се вкалапи, да се бирократизира и вештачки да се огради од другите сродни јазици).

14 ЈАКИМОВСКА, Илина: Исто.

15 ЈАКИМОВСКА, Илина: Исто.

16 ЛАЗАРОВ, Ристо: Вистински и вистинити песни, како букет од ран бехар (Поговор кон поетскиот избор Промена на времето од Миљенко Јерговиќ). Скопје: Везилка 2011, 2013, стр. 129-131.

17 Ѓоко Здравески од прва рака: Предизвиците на мојот превод (М. Јерговиќ: Рута Таненбаум). Во: Репер, Скопје, Год. 9, бр. 78, мај 2017 (http://www.reper.net.mk/2017/03/30).

18 КРАМАРИЌ, Златко: Конструкцијата на идентитетот во хрватската и во македонската книжевност. Во: Политика. Култура. Идентитет (Златко Крамариќ – Ангелина Бановиќ-Марковска). Скопје: Магор, 2012, стр. 214-215.

19 КРАМАРИЌ, Златко: Исто, стр. 219-222.

20 ЈАКИМОВСКА, И. Букбокс интервју – Пишувањето го спасува светот (Миљенко Јерговиќ). Во: https://off.net.mk/bookbox/miljenko-jergovikj-pishuvanjeto-go-spasuva-svetot.

21 Миљенко Јерговиќ во Скопје со романот „Род“. Во: Нова Македонија, бр. 24126, Скопје, 22. 8. 2017; „Род“ на Јерговиќ на македонски. Во: Вечер, Скопје, 21. 8. 2017; Промоција на романот „Род“ на Миљенко Јерговиќ. Во: МИА, Скопје, 22. 8. 2017; Промоција на романот „Род“ на Миљенко Јерговиќ. Во: www.idividi.com.mk, Скопје, 22. 8. 2017; Промоција на романот „Род“ на Јерговиќ на македонски. Во: ПлусИнфо.мк, Скопје, 20. 8. 2017; „Или-или“ го издаде романот „Род“ на Миљенко Јерговиќ. Во: Република, Скопје, 22. 8. 2007; Утре промоција на романот „Род“ во Стара Чаршија. Во: Денар, Скопје, 21. 8. 2017; Во вторник промоција на романот „Род“ во Стара Чаршија. Во: www.makfax.com.mk, Скопје, 20. 8. 2017; „Род“ на Јерговиќ на македонски. Во: Старт.мк, Скопје, 21. 8. 2017; Промоција на романот „Род“ на Јерговиќ на македонски. Во: Калимеро.мк, Скопје, 20. 8. 2017; Промоција на романот „Род“ на Јерговиќ на македонски. Во: www.kanal5.com.mk, Скопје, 21. 8. 2017; Промоција на романот „Род“ на Јерговиќ на македонски. Во: www.b2.mk, Скопје, 20. 8. 2017; Промоција на романот „Род“ на Миљенко Јерговиќ. Во: Либертас.мк, Скопје, 22. 8. 2017; Промоција на романот „Род“ на Миљенко Јерговиќ. Во: Вистина.мк, Скопје, 22. 8. 2017; Промоција на романот „Род“ на Миљенко Јерговиќ. Во: www.tvnova.mk, Скопје, 22. 8. 2017; Промоција на романот „Род“ на Миљенко Јерговиќ. Во: www.sitel.com.mk, Скопје, 22. 8. 2017; Промоција на романот „Род“ на Миљенко Јерговиќ. Во: www.a1on.mk/archives/778806, Скопје, 22. 8. 2017; Промоција на романот „Род“ на Миљенко Јерговиќ. Во: Курир.мк, Скопје, 22. 8. 2017; Промоција на романот „Род“ на Миљенко Јерговиќ. Во: www.kanal5.com.mk, Скопје, 22. 8. 2017; Миљенко Јерговиќ вечерва гостува во Скопје. Во: www.republika.mk/813129, Скопје, 22. 8. 2017; „Род“ е книжевен концерт за срце и за ум (Весна Дамчевска). Во: Нова Македонија, бр. 24128, Скопје, 24. 8. 2017.

22 ДАМЧЕВСКА, Весна: Егзотизацијата го прави Балканот досаден и тривијален (Интервју со Миљенко Јерговиќ, писател). Во: Нова Македонија (Лик), бр. 24132, Скопје, 30. 8. 2017.

МИЉЕНКО ЈЕРГОВИЌ ВО КНИЖЕВНО-КРИТИЧКИОТ

И ВО МЕДИУМСКИОТ ДИСКУРС ВО МАКЕДОНИЈА